19/03/2025
Можеби ќе биде корисно!
Минуваме низ тежок период на колективно ниво. Траумататичниот настан од недела предизвика директна траума кај прежиеваните и нивните семејства како и кај семејствата на починатите но предизвика и индиректна траума кај населението во цела држава. Особено гледам дека кај младите и учениците предизвика силни емоции. Младите од цела држава многу полесно се поврзуваат со жртвите и трагедијата поради слична или иста возраст со настраданите и повредените, и тоа е нормално.
Утре е тежок ден за Кочани и за цела Македонија. Можеби ќе биде предизвик за одржување настава. Затоа утре но и во периодот што следни, важно е наставниот кадар да создаде поддржувачка и сигурна средина каде учениците/младите ќе можат да ги изразат своите чувства, да се чувствуваат разбрани и слушнати а воедно да се остави простор за училишните активности ако се подготвени за тоа.
Можеби следните насоки ќе бидат од помош:
• Кратко и емпатично признание: Започнете со едноставено и искрено признавање на трагедијата и тежината на денот. Пример: Настанот од недела е навистина многу тешка и тажна вест и сите овие денови се тешки и тажни, денешниот може и најтежок поради погребување на жртвите. И во оваа трагедија многумина од вас можеби чувствуваат тага, страв, гнев, збунетост и тоа е нормално.
• Понудете да споделат како се чувствуваат ако тоа го сакаат и е во ред за нив. Уважете ја секоја споделена емоција.
• Доколку забележите поголема вознемиреност кај некој ученик или кај повеќе од нив обидете се да спорведете групна вежба за дишење на следниот начин: седнете опуштено на столчето затворете ги очите на неколку секунди и направете неколку длабоки бавни вдишувања, полека вдишувајќи низ носот и издишувајќи низ устата.
• Предложете изразување на почит кон починатите во пожарот со едноминутно молчење. Едноминутното молчење ќе им овозможи на учениците да се чувствуваат како дел од поширока заедница која изразува солидарност и поддршка во овие тешки моменти.
Едноминутното молчење исто така овозможува да се поврзат со своите емоции без зборови и дава простор за размислување, што е особено важно во време на емоционален стрес.
• Задржете рутина: Важно да се признае трагедијата и важно е наставата да продолжи со фокус на предвидените активностите. Ова ќе им помогне на учениците да почувствуваат стабилност. Наставата нека биде лесна, без тестови и испрашувања и без потреба за вложување на поголем напор што би предизвикало дополнителен стрес кај учениците.
• Доколку се забележи дека учениците не се во можност да се фокусираат на наставата насочете го нивното внимание кон конструктивни активности за изразување на емоциите, низ пишување, цртање, групни дискусии со врсниците...