05/03/2026
Нашата болница постои веќе 44 години и секогаш во медиумите сме биле присутни како Болница во која се промовираат нови методи, техники и презентација на успешни приказни, па од тие причини, долго време молчевме и по повод случувањата со д-р. Виолета Мојсоска Наумоска, сметајќи дека професионализмот и стручноста треба да бидат она по што луѓето треба да не препознаваат.
Меѓутоа, со цел јавноста да ја дознае вистината, излегуваме со официјално соопштение по однос на на многубројните прозивки, навреди и омаловажувања.
Најнапред, за грантот кој го доделува EAPCI (една од асоцијациите на ESC- Европското здружение за кардиологија) а кој е наменет за млади кардиолози до 40г. и кој предвидува едногодишен тренинг во болница во Италија, Ве информираме за следното:
Информацијата за доделениот грант на др. Мојсовска Наумовска, Болницата ја дозна од социјалните мрежи и медиумите, истовремено со останатата јавност.
Сакаме да истакнеме дека иако апликациите за овој грант кандидатите ги поднесуваат лично, согласно правилата на давателот на грантот, кои се јавно достапни, во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави и препорака од АКТУЕЛНИОТ раководител на Одделот во кој кандидатот работи или актуелен ментор (супервизор) доколку апликантот работи под супервизија.
Според нашите сознанија Д-р Мојсоска Наумоска ниту ги има побарано, ниту ги има добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација.
Заради целосно разјаснување на оваа состојба, од страна на Болницата беше побарано дообјаснување од давателот на грантот, а во ниеден момент не беше побарано повлекување или откажување на грантот, како што беше пренесено на сите портали.
Инаку д.р Мојсоска Наумоска речиси 3 години не работи во Одделот за интервентна кардиологија , каде има работено само 6 месеци откако стана специјалист кардиолог.
Свесни сме за чувствителноста на јавноста кога станува збор за подршка и професионален развој на младите кадри. Сепак, нагласуваме дека во конкретниот случај не станува збор за попречување во напредувањето или неадекватен третман, иако гледаме дека се сака овој случај да се претстави како институционална опструкција. Ве уверуваме дека нашата болница може да послужи како пример каде младите доктори во најкус можен рок добивале специјализации и се едуцирале во различни области.
Истотака , сакаме да истакнеме дека и во текот на специјализацијата, д-р. Мојсоска Наумоска имала континуирана менторска поддршка и ѝ биле овозможени учества на бројни меѓународни стручни настани. И после завршување на нејзината специјализација учествувала на различни конгреси во земјава и во странство, од кои само последниот состав на Управниот Одбор и одобрил учество на три меѓународни настани во Салзбург, Хамбург и Дубаи.
Во однос на судските постапки кои др. Мојсоска Наумоска ги споменува во нејзините јавни настапи, истакнуваме дека Болницата досега не излегувала јавно со информации во врска со судските постапки кои таа ги има поведено против институцијата и поединци вработени во неа, па во оваа прилика ја известуваме јавноста дека иако болницата смета дека дел од судските постапки и одлуки излегуваат од досегашната воспоставена пракса и стандарди, болницата доследно постапува по сите судски одлуки, а воедно превзема и дополнителни мерки пред надлежни институции за заштита на нејзините интереси.
Сметаме дека е од исклучителна важност да се сочува реномето на болницата, која, спротивно на она што се сака да се прикаже, секогаш знаела да го препознае потенцијалот на своите вработени и да ги стимулира да се едуцираат и напредуваат во струката. Како резултат на тоа институцијата прерасна од Центар за рехабилитација во најголем (по број и обем на услуги) кардиолошки центар во рамки на јавното здравство во државата, после Клиника за кардиологија во Скопје. Таквото реноме и развој на болницата го изградиле токму оние колеги со неколкудецениски стаж во болницата, кои се сега изложени на омаловажување, етикетирање и брутални конструкции и навреди по социјалните мрежи и некои медиуми, кои се под секое ниво, а многумина од тие кардиолози всушност и биле првите и долгогодишни учители на основите на кардиологијата на Мојсовска Наумоска.
Во однос на наводната комуникација на овластеното лице на Болницата со организаторите на конгрес во Дубаи, истите категорично ги демантираме. Имено, во врска со трудот презентиран на тој конгрес има преставка од наш искусен интервентен кардиолог до Етичката комисија на Болницата, која е сега предмет на натамошно разгледување кај други надлежни органи за ваквите прашања.
Дополнително, во изминатиот период Болницата се соочува со огромен број претставки, жалби, поднесоци и барања на информации од јавен карактер, како и постапки пред Судови, Државна второстепена комисија, Агенција за слободен пристап до информации, Инспекторати итн, поднесени од страна на Др. Мојсоска, што е разгледувано на седници на Стручниот колегиум и притоа се донесени Заклучоци кои се едногласно усвоени од членовите на истиот.
Ваквото нејзино однесување никогаш не дозволивме да се одрази на нашиот коректен и профеисонален однос кон неа, дури и во случаи кога имало повод за тоа, не и е изречена ниту усна опомена.
Упатуваме апел до јавноста и претставниците на медиумите да се воздржат од дискредитации, осуди, омаловажувања кои и досега беа многу често лични и крајно недостоинствени спрема болницата како здравствена институција и кадарот на самата институција, бидејќи информациите обелоденети во јавноста се базирани на еднострани и невистинити изјави и во отсуство на факти.
Со цел да се сочува реномето на нашата установа, истата, како и досега така и во иднина ќе стимулира едукации и професионален развој на младите колеги но тоа ќе биде во рамки на предвидените процедури, како и потребите на болницата согласно нејзините планови за развој. Болницата ќе се раководи според законските прописи, интерните акти за работа, одлуките на Управниот Одбор, етичките стандарди, а пред се со цел и натаму да обезбедува стручна, навремена и врвна здравствена заштита на пациентите, што е и основа за нашето постоење.