19/12/2025
Денес е Св. Никола. Празник што кај многумина носи мирис на дом, радост и чувство дека не мораш никаде да брзаш.
Свети Никола Чудотворец, еден од најпочитуваните светци, е заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците… Го слават христијаните – и православните и католиците – но и дел од муслиманите, особено во Турција. Тоа само по себе зборува за неговата човечка, универзална димензија.
Денеска ја читав неговата животна приказна и ме допре начинот на кој се спомнува како симбол на трпение, скромност и издржливост. Без потреба од докажување, без наметнување. Само тивко, со дела. Ми дојде како потсетник колку често забораваме дека најдлабоките вредности се тивки, ненаметливи.
И ова, некако ме врати кон себе. Кон она што е едноставно и вистинско. Кон моментот кога не мораш да бидеш ништо повеќе од тоа што си. И тоа е доволно.
Тука некако природно ја чувствувам и врската со јогата. Не како практика, туку како внатрешен став. Јогата нè учи трпение со телото, скромност во очекувањата и издржливост која не доаѓа од силата, туку од присутноста. Да слушаш. Да не форсираш. Да веруваш во процесот.
И постењето како чин (инаку, лично, сум вегетаријанец) денес не го доживувам само како воздржување од храна, туку како можност за прочистување – на мислите, на внатрешниот ритам, на односот кон себе и другите.
И во овие тивки состојби на "бидување", јогата и традицијата се среќаваат.
Не за да се споредуваат, туку да нè потсетат на истото:
да живееме поспоро, посвестно и со повеќе добрина.
Среќна слава на сите што слават.
Вечно име на сите што си го носат (значењето на името Никола е "победник").
И мирен ден за сите нас.